Архив

Архивот е стручна единица на МАНУ основан заедно со Академијата. Во него се собираат, чуваат, обработуваат, заштитуваат и обезбедуваат за користење архивски материјали создадени при работата на Академијата, од нејзините членови како и од институции и поединци значајни за науката и уметноста.

Основната намена и функција на Архивот на МАНУ е да служи за истражувања од областа на науката, културата и историјата, првенствено за членовите на Академијата и нејзините научноистражувачки центри но и за останатите домашни и странски научни истражувачи при соодветни институции од областа на науката, културата и уметноста.

Работата на Архивот ја раководи Архивски одбор составен од академици кои ги претставуваат одделенијата на Академијата. Надлежноста на Архивот на Академијата се протега низ целата територија на Република Македонија и е единствен архив кој е самостоен и е надвор од обединетата мрежа на Архивите на Македонија.

Архивот ја стекнува граѓата по пат на: отстапување, наследство, подарок, откуп, депонирање и по друга правна основа. Поради неговата намена и функција, Архивот на МАНУ во најголем дел содржи лични фондови на академици и други личности од вонредно значење за историјата, науката и културата во Македонија како и на друштва и институции од разни периоди, потоа Mатична архива на МАНУ како и разни збирки, проекти и сл.

Архивските материјали се главно од XIX и од XX век а најстариот е кириличен ракопис од XV век. Содржински се поврзани со проучувањето на историјата, книжевноста, етнологијата, фолклорот, јазикот, уметноста, сликарството, архитектурата, музичкото творештво, правото, економијата, медицината, хералдиката, биологијата итн.

Архивот располага со богат библиотечен фонд (лични библиотечни фондови), како и со нови ракописи, стари и ретки книги, микрофилмови, магнетофонски ленти, видеокасети, повелби и плакети, музикалии, архивалии, збирка фотографии и збирка уметнички слики и предмети.

Тел: ++389 (0)2 32 35 530
Факс: ++389 (0)2 32 35 531


Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.